Цените на нафтата на светските берзи забележаа остар пораст на почетокот на неделава, како директна последица на новите закани за воена акција упатени од американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран. Стравувањата од сериозно нарушување на глобалното снабдување ја кренаа цената на нафтата „Брент“ за испорака во јуни на над 111 долари за барел, што е за речиси 40 долари повеќе од периодот пред ескалацијата.
Трамп му постави ултиматум на Техеран, барајќи исполнување на американските услови најдоцна до вторник во 20:00 часот по американско време (02:00 часот во среда по средноевропско време).
„Доколку нема реакција, Иран би можел да се соочи со уништување на клучна инфраструктура, вклучително електроцентрали и мостови“, предупреди Трамп во изјава за медиумите и преку својот профил на „Truth Social“.
Земјите од групата ОПЕК плус изразија длабока загриженост поради можните напади врз енергетската инфраструктура, нагласувајќи дека обновата на евентуалните оштетувања ќе биде исклучително скапа и долготрајна. Оттаму додаваат дека е од „критична важност“ да се обезбеди безбедноста на меѓународните поморски рути, особено во Ормускиот теснец.
Како обид за смирување на пазарот, дел од земјите-членки како Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати најавија умерено зголемување на производството за околу 206 илјади барели дневно во текот на месец мај.










