Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, упати остро предупредување до властите во Финска, нагласувајќи дека Русија повеќе нема да покаже попустливост како во минатото. Тој порача дека Хелсинки мора да биде свесен дека сегашната конфронтација може да ја доведе земјата до, како што рече, „конечна пропаст“.
Медведев потсети на историските договори кои, според него, Финска почнала да ги прекршува по влезот во НАТО. Тој ги наведе Парискиот мировен договор од 1947 година и билатералниот договор од 1992 година за основите на односите со Русија. Ваквите чекори, како што објасни, ѝ даваат на Москва основа да бара обесштетување за штетите предизвикани во текот на Втората светска војна.
Според него, Русија има законска основа да побара над 20 трилиони рубли, што изнесува околу 211,6 милијарди евра. Тој тврди дека Финска со својата актуелна политика се подготвува за нова војна против Русија, а НАТО активно ја поддржува во тоа. Медведев истакна дека Алијансата веќе развива пет оперативни области во рамките на Финска – копнени, поморски, воздушни, космички и кибер способности, што Москва го смета за директна закана.
Тој додаде дека Русија не може да го игнорира фактот дека Финска е членка на НАТО, што автоматски бара промена на воените стратегии и засилена заштита на границите од, како што ги нарече, „можни непријателски напади“.
Односите меѓу Москва и Хелсинки последниве години доживеаја драматичен пад, особено по приклучувањето на Финска во НАТО. Дополнителна точка на судир беше затворањето на границата од страна на Финска, со образложение дека Русија испраќа баратели на азил. Москва го негира ова, тврдејќи дека станува збор за западни манипулации и двојни стандарди.
Рускиот амбасадор во Хелсинки, Павло Кузнецов, исто така ја критикуваше финската политика, нагласувајќи дека никогаш досега не постоела толку длабока поделба меѓу двете земји – дури ни во времето на Втората светска војна. Според него, сегашната ситуација претставува вистинска „железна завеса“ што целосно ја уништи соработката меѓу Русија и Финска.