Министерот за одбрана на Косово во технички мандат, Ејуп Маќедонци, објави дека минатата недела пристигнале нови беспилотни летала од САД – моделот „AeroVironment RQ-20 Puma“. Тој појасни дека набавката била реализирана преку меѓудржавна програма, а средствата за оваа нарачка биле обезбедени уште во 2021 година.
Според Маќедонци, овие летала се важен дел од зајакнувањето на капацитетите на Косовските безбедносни сили (КБС) во доменот на беспилотни воздушни системи. Министерот нагласи дека соработката меѓу Косово и САД во одбранбената сфера постојано се продлабочува, овозможувајќи развој на армијата и реализирање на заедничките стратешки интереси.
„RQ-20 Puma“ е мало беспилотно летало што се напојува со батерии и се лансира директно од рака. Неговата главна задача е надзор и прибирање разузнавачки информации преку електрооптичка и инфрацрвена камера, што му овозможува ефикасно следење на движења и активности на терен.
Овој потег ја потврдува намерата на Приштина да ја зголеми својата воена подготвеност, а истовремено ја зацврстува врската со Вашингтон, кој останува најголемиот поддржувач на косовските безбедносни структури.