Не секој ден град добива донација во злато – и тоа цели 21 килограм. Токму тоа ѝ се случи на Osaka, каде анонимен донатор испратил златни плочки вредни околу 3,6 милиони долари за една конкретна цел – обновување на застарената водоводна мрежа.
Градоначалникот Хидејуки Јокојама потврдил дека дарителот сакал да остане непознат, но ова не е првпат да помага. Истото лице претходно донирало и парични средства за водоводниот систем.
Со речиси три милиони жители, Осака е еден од најголемите економски центри во регионот Кансаи. Но зад модерната фасада се крие сериозен проблем – старите водоводни и канализациски цевки. Само во 2024 година биле регистрирани над 90 случаи на протекување под градските улици.
Проблемот не е изолиран. Според локални извештаи, повеќе од 20% од водоводната инфраструктура во Јапонија ја надминала законската граница од 40 години употреба. Последиците веќе се видливи – минатата година во Saitama Prefecture огромна пукнатина во земјата проголта камион, при што загина возачот. Се сомнева дека причината било пукање на стара канализациска цевка.
Иако властите најавија засилена замена на кородираните цевки, ограничениот буџет го успорува процесот. Токму затоа, оваа златна донација може да значи повеќе од симболичен гест – може да биде спас за инфраструктурата на еден од најголемите јапонски градови.

















