Фудбалерот на Пари Сен-Жермен, Ашраф Хакими, ќе се соочи со судење по обвинение за силување, потврди неговиот адвокат за француските медиуми. Случајот се однесува на наводен инцидент од февруари 2023 година, кој според пријавата се случил во домот на играчот.
Млада жена тврди дека дефанзивецот најпрво ја допирал на непристоен начин, а потоа извршил сексуално насилство. По завршување на истрагата, обвинителството во Нантер оценило дека има доволно основи случајот да оди на суд, по што судот донел одлука за покренување постапка.
Хакими јавно ги негира обвинувањата. На социјалните мрежи порача дека самото обвинение денес е доволно за јавна осуда, дури и кога, како што наведува, фактите укажуваат на спротивното. Тој истакна дека мирно го очекува судскиот процес и верува дека вистината ќе излезе на виделина.
Од другата страна, адвокатот на тужителката изјави дека доказите собрани во истражната постапка се доволни за делото да биде квалификувано како силување. Според него, нема елементи на изнуда и одбраната на фудбалерот претставува вообичаена стратегија во вакви предмети.
Судењето се очекува да привлече огромно медиумско внимание, со оглед на статусот на играчот како еден од најистакнатите африкански фудбалери во светот.

















