Македонија преку Министерството за спорт се приклучува во проектот „Спортски игри на младите“, најголемата младинска спортска манифестација во Европа, под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет и Европската комисија. Министерот за спорт, Борко Ристовски во интервјуто за порталот „Плусинфо“ го најави овој голем проект преку кој се промовира спортот и се едуцираат младите генерации.
-Официјалниот договор ќе биде потпишан на 27 февруари во Владата, со што Македонија станува дел од ова големо европско спортско семејство. Преку овој проект не само што се промовира спортот, туку се работи и на едукација, фер-плеј, тимска работа и здрави животни навики – соопшти Ристовски.
Министерот за спорт нагласи дека младите спортисти и нивниот развој се дел од приоритетите на Министерството за спорт на кои се посветува особено внимание.
– Освен стипендиите и директната поддршка што ја обезбедува Министерството за спорт за спортисти од помладите категории кои остваруваат забележителни меѓународни резултати, реализираме и повеќе проекти преку кои се промовираат спортот и позитивните вредности меѓу младите. Тука би го споменал проектот „Европска недела на спортот“ кој вклучува бројни активности и бележи голема масовност. Потоа, од 20 до 29 април годинава, Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет, во Скопје, со учество на околу 1000 млади ракометари и ракометарки – средношколци од целиот свет. Овој значаен меѓународен спортски настан се реализира во организација на Министерството за спорт, Федерацијата за училишен спорт на Македонија и Светската федерација за училишен спорт и претставува една поширока платформа која ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и интернационалната соработка. Дополнително, Македонија преку Министерството за спорт се приклучува и во проектот „Спортски игри на младите“ – истакна министерот Борко Ристовски.

















