ПРВ.мк
Спорт

ИНТЕРВЈУ • БОРКО РИСТОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА СПОРТ За 18 месеци реализиравме двојно повеќе проекти одошто претходната влада за 7 години

ИНТЕРВЈУ • БОРКО РИСТОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА СПОРТ За 18 месеци реализиравме двојно повеќе проекти одошто претходната влада за 7 години
Kristal

„Претходно спортот се користеше за испумпување пари преку клубови, федерации и спортисти, сега тоа не е така. Инвестираме во инфраструктурата, во младите и ги вреднуваме резултатите“, вели министерот за спорт Борко Ристовски во интервју за Плусинфо.

По години стагнација и недостиг од системска грижа, спортот повторно станува државен приоритет. Министерството за спорт формирано по трансформацијата на поранешната Агенција за млади и спорт, започна со реализација на конкретни проекти насочени кон обнова на спортската инфраструктура, поддршка на младите таленти и воспоставување фер и транспарентен систем на финансирање. Во интервјуто за Плусинфо, министерот за спорт Борко Ристовски зборува за реализираните активности и проекти и за плановите и програмите за наредниот период.

• Министерството за спорт во својата програма става посебен акцент на спортската инфраструктура. Зошто токму овој сегмент е поставен како врвен приоритет?

– Кога зборуваме за спортот и спортска политика, мора да почнеме од основата. Без соодветна инфраструктура, во импровизирани и супстандардни услови, не може да се очекува ни развој, ни резултати. Во изминатите години спортот беше оставен без системска грижа. Затекнавме сали и терени во лоша состојба, заглавени проекти, објекти претворени во руини и спорт во стагнација.

Затоа инфраструктурата ја поставивме како стратешки приоритет. Со поддршка од Владата, значаен дел од нашите активности и инвестиции ги насочивме кон реконструкција на постојните објекти и изградба на нови спортски капацитети. Ова е процес што не дава резултати преку ноќ, но е неопходен и треба да се спроведе ако сакаме долгорочни, одржливи промени и позитивни спортски резултати.

Како Министерството за спорт, работиме во таа насока – да создадеме современа функционална спортска инфраструктура. Затоа се зафативме со реконструкција на постоечки сали и изградба на неколку нови, со санација на базените што беа почнати пред 5-6 години и оставени како заглавени проекти, со изградба на нови мултифункционални спортски објекти. Во изминатава година и пол, изградивме и реконструиравме над 40 мултифункционални игралишта низ целата држава, го откочивме процесот за изградба на базените, отпочнавме со реконструкција и изградба на неколку сали.

Дел од тие објекти денес веќе се користат што е најдобар показател дека работите конечно се движат во вистинска насока. Дел од овие објекти се сѐ уште во фаза на реконструкција, како што се салата „Расадник“  и салата во комплексот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, но и тие наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Го почнавме и процесот за изградба на три нови спортски сали, во Скопје – во Воената академија и во Аеродром кај комплексот на ФФМ и сала во Крушево која ќе го претвори градот во регионален центар за спортски подготовки.

ОД РУИНИ ДО ФУНКЦИОНАЛНИ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ

• Реконструкцијата на салата „Расадник“ и на салата на УКИМ во Скопје се посочуваат како посебно значајни проекти во делот на спортската инфраструктура. Што ги издвојува овие два објектa?

– Овие два објекта се пример за различни, но подеднакво важни потреби. Салата „Расадник“ е значајна за локалната заедница и за клубовите што работат со деца и млади, но и како култна сала која своевремено беше дом на РК Вардар.

Додека салата на УКИМ е од суштинско значење за универзитетскиот спорт и за наставата по физичко образование. Овој објект со години беше целосно запуштен и небезбеден за користење за било какви спортски активности.

Министерството за спорт во соработка со Ректоратот на УКИМ, се заложи во интерес на студентите, овој објект повторно да биде ставен во функција. Во соработка со Ректоратот на УКИМ започнавме целосна реконструкција и за неколку месеци студентите ќе добијат функционален и безбеден простор за настава и за различни спортски активности. Реализацијата на овој проект е јасен показател за еден поинаков однос кон јавниот простор и кон улогата на спортот во образованието.

Во 2026 година – спортски сали, базени, мултифункционални игралишта, тренинг-центри и придружна инфраструктура

• Што опфаќа програмата на Министерството за спорт за 2026 година во делот на спортската инфраструктура?

– Програмата за 2026 година предвидува изградба, реконструкција и санација на спортски објекти низ целата држава – спортски сали, базени, мултифункционални игралишта, тренинг-центри и придружна инфраструктура.

За оваа намена предвидени се 312.146.000 денари или приближно околу 5,1 милион евра од буџетот со кои ќе бидат реализирани 13 инфраструктурни проекти кои опфаќаат изградба и реконструкција на над 50 спортски објекти. Средства се планирани и распределени со јасни приоритети – спорт достапен за сите, рамномерен регионален развој и создавање на одржлив систем на спортска инфраструктура.

• Младите спортисти и нивниот развој исто така се дел од приоритетите на Министерството за спорт. Една од мерките е доделувањето на 500 стипендии за млади талентирани спортисти. Колку оваа поддршка од државата е значајна за нивниот натамошен развој?

– Како поранешен спортист, многу добро знам колку значи кога институцијата ќе застане зад вас во вистински момент. За млад спортист тоа често знае да биде разликата меѓу откажување и успех. Преку проектот „Спортска надеж“, државата обезбедува финансиска поддршка за 500 млади талентирани спортисти на возраст до 20 години кои се македонски репрезентативци. Овие стипендии се директна инвестиција во нивниот развој и јасна порака за младите спортисти дека државата ги препознава талентот, трудот и посветеноста и дека не се оставени сами на нивниот спортски пат.

Вложувањето во младите спортисти е најсигурната инвестиција што една држава може да ја направи – инвестиција во здрави генерации, во национална гордост и во идни спортски успеси.

МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД НАЈГОЛЕМАТА МЛАДИНСКА СПОРТСКА ПРИКАЗНА ВО ЕВРОПА

• Кои други проекти ги спроведува Министерството за спорт за поддршка и развој на младинскиот спорт?

– Освен стипендиите и директната поддршка што ја обезбедува Министерството за спорт за спортисти од помладите категории кои остваруваат забележителни меѓународни резултати, реализираме и повеќе проекти преку кои се промовираат спортот и позитивните вредности меѓу младите. Тука би го споменал проектот „Европска недела на спортот“ кој вклучува бројни активности и бележи голема масовност.

Потоа, од 20 до 29 април годинава, Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет, во Скопје, со учество на околу 1000 млади ракометари и ракометарки – средношколци од целиот свет. Овој значаен меѓународен спортски настан се реализира во организација на Министерството за спорт, Федерацијата за училишен спорт на Македонија и Светската федерација за училишен спорт и претставува една поширока платформа која ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и интернационалната соработка.

Дополнително, Македонија преку Министерството за спорт се приклучува и во проектот „Спортски игри на младите“, најголемата младинска спортска манифестација во Европа, под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет и Европската комисија. Официјалниот договор ќе биде потпишан на 27 февруари во Владата, со што Македонија станува дел од ова големо европско спортско семејство. Преку овој проект не само што се промовира спортот, туку се работи и на едукација, фер-плеј, тимска работа и здрави животни навики.

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ И СУБВЕНЦИИ

• Со измените во Законот за спорт, Министерството за спорт им додели национални признанија на дваесетина истакнати македонски спортисти од екипните спортови кои досега не беа вклучени во овој систем на наградување. Што значат поконкретно овие измени?

– Со години постоеше неправда кон истакнати македонски спортисти кои имаат европски и светски титули во екипните спортови.  Со измените на Законот за спорт, конечно го исправивме тоа, ги вреднуваме нивните успеси и нивниот придонес за македонскиот спорт. Тоа се однесува на македонските ракометарки во шампионскиот тим на Кометал Ѓорче Петров, македонските ракометари кои со Вардар освоија титули во Лигата на шампионите, како и на спортски легенди како Горан Пандев, Дарко Панчев, Кирил Лазаров, Пеце Нумовски…кои имаат врвни достигнувања на европската и на светската клупска сцена и со своите успеси ја афирмирале Македонија и македонскиот спорт.

Ова не е само финансиско или формално признание, тоа е порака дека државата  ги почитува оние што ја граделе нејзината спортска историја и кои се пример за идните генерации.

• Едно од најчестите прашања од спортската јавност се однесува на државните субвенции во спортот. Што се случува на овој план?

– Деновиве започнува исплатата на субвенциите, односно средствата коишто ги има одвоено државата преку Министерството за спорт за субвенционирање на националните спортски федерации, клубовите и на поединци. Завршени се сите  процедури и обврските што беа преземени ќе бидат реализирани.

Во мај ќе започне исплатата на средствата од игрите на среќа. Основен критериум за распределба на средствата се резултатите што претставува значајна разлика во однос на минатото. И, за разлика од претходно, спортските субјекти сега ги добиваат парите од државата директно на сметка.

Нашата цел е јасна – спортот да го поставиме на стабилни основи. Со конкретни проекти, со почит кон минатото и со јасна визија за иднината. Не ветуваме невозможни работи, туку реализираме видливи и мерливи резултати. Само така македонскиот спорт може да оди напред.

• Бидејќи сте поранешен професионален спортист кој ја претставувал Репбулика Македонија, знаете да почувствувате во кој сегмент во спортската сфера се придвижуваат работите. Какви се вашите резултатски очекувања во натпреварувачкиот дел на спортскиот успех?

– Пред сè , јас тука можам да говорам за делот, како ние како министерство и колку, поставуваме здрава основа за да има резултатски успех. Најпрвин политичката заинтересираност за спортски успех е на едно друго ниво од претходно. Претходно спортот се користеше за испумпување пари преку клубови, федерации и спортисти, сега тоа не е така. Институциите ја вршат работата да контролираат и не дозволуваат такви работи, а она што е уште поважно е дека сега средствата завршуваат како инвестиција во успехот. Федерациите добија нови раководства, а тие раководства добија партнер во нас како министерство, партенер кој знае да ги послуша и да ги спроведе заеднички политики кои целат кон успех. Напредуваме во тимските спортови, напредуваме во индивидуалните спортови, а она што е уште поважно е дека вградуваме спортски менталитет кај учениците уште во најрана возраст.

Медали, успеси и шампиони сигурен сум и очекувам да гледаме сè повеќе и повеќе во блиска иднина и на долг рок, но наш најголем успех е што децата од мали почнуваат да стекнуваат спортски навики.

За крај, со сигурност можам да кажам дека до крајот на четиригодишниот мандат, кој што во моментов го имаме како Влада, ние ќе прокнижиме многу повеќе спортски успеси, отколку што имало во изминатата деценија, бидејќи пристапот е сега поинаков, некоруптивен и систематски. И верувајте, секој еден успех на секој еден спортист е еднакво важен без разлика на спортот, а на крајот од мандатот, ќе можеме повторно да разговараме во овој формат и да го потврдам тоа уште еднаш.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo