ПРВ.мк
Скопје

ЈАВЕН ПОВИК: Субвенции за стерилизација на домашни миленици - еве колку е надоместокот!

ЈАВЕН ПОВИК: Субвенции за стерилизација на домашни миленици - еве колку е надоместокот!
Kristal

Додека институциите засилено апелираат за одговорно сопствеништво, Општина Гази Баба излезе со конкретен чекор – јавен повик за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици во 2026 година, со кој на граѓаните им се надоместуваат 100 проценти од трошоците, но најмногу до 6.000 денари по миленик (куче или маче).

Паралелно со ова, Агенција за храна и ветеринарство повторно потсетува дека сопствениците на кучиња имаат законска обврска да ги идентификуваат своите миленици со микрочип и да ги регистрираат во модулот за домашни миленици во информативниот систем на Агенцијата. По регистрацијата, за животното се издава и пасош за домашен миленик, што претставува официјален документ за негова идентификација.

Од Агенцијата објаснуваат дека апликацијата на микрочип е еднократна постапка и дека чипот останува кај животното во текот на целиот негов живот. Микрочипирањето не е само формалност, туку основа за утврдување на сопственоста, за обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита и за зголемување на безбедноста, особено во делот на спречување и контрола на заразни болести што можат да се пренесат од животните на луѓето.

Дополнително, сопствениците чии миленици веќе имаат микрочип се должни да ја пријават секоја промена на податоците – било да станува збор за промена на адреса, сопственик или статус на животното – во надлежното ветеринарно друштво. Во електронската база задолжително се евидентираат и пцовисувањето, губењето или купопродажбата на миленикот. Целта е да се воспостави целосна и ажурирана евиденција.

Според надлежните, микрочипирањето има повеќекратна улога: овозможува трајна идентификација, помага во спречување на напуштање, овозможува контрола на размножувањето и значително го олеснува пронаоѓањето на миленикот во случај на губење или кражба.

Во однос на субвенциите, право на учество на јавниот повик имаат жителите на Општина Гази Баба кои ќе достават комплетна документација. Условите предвидуваат миленикот да биде регистриран, да има микрочип и валиден пасош, стерилизацијата да биде извршена во регистрирана ветеринарна установа на територијата на општината и да се приложи доказ за извршената уплата.

Потребната документација вклучува: пополнето барање (достапно во архивата или на веб-страницата на Општината), копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, фискална сметка или фактура со доказ за уплатата, копија од пасошот на миленикот, потврда од ветеринарна установа и фотографија од миленикот.

Со овие мерки, институциите испраќаат јасна порака дека одговорното сопствеништво не е избор, туку обврска, а финансиската поддршка има за цел да ги мотивира граѓаните активно да се вклучат во грижата за здравјето, безбедноста и благосостојбата на своите домашни миленици.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo