Четирите астронаути на мисијата на NASA, Артемис II, влегоа во областа на гравитациското поле на Месецот, каде силата на месечевата гравитација е посилна од влијанието на Земјината.
Посадата влезе во оваа критична фаза на вселенскиот лет 4 дена, 6 часа и 2 минути по почетокот на мисијата, на растојание од 62.800 километри од Месецот и 373.400 километри од Земјата, пренесува „Гардијан“.
Следната клучна фаза ќе биде летот кон далечната страна на Месецот и подлабоко во вселената од било која досега реализирана космичка мисија.
- „Сите сме исклучително возбудени. Нашиот тим за летечки операции и нашиот научен тим се подготвени за првиот прелет над Месецот во последните 50 години“, изјави Лори Глејз, заменик помошник-администратор за развој на истражувачки системи во NASA.
Мисиите Аполо во 1960-тите и 70-тите години летаа на стотици километри над месечевата површина, додека посадата на Артемис II ќе се приближи на нешто повеќе од 6.400 километри, што ќе им овозможи да ја видат целата, сферична површина на Земјиниот природен сателит, вклучувајќи ги и регионите близу двата месечеви пола.










