ПРВ.мк
Балкан

Дали Косово ќе биде принудено да избере помеѓу САД и ЕУ?

Дали Косово ќе биде принудено да избере помеѓу САД и ЕУ?

Со години Косово се потпираше на обединетиот Запад за градење на својата држава и меѓународна интеграција. Сепак, како што Соединетите Американски Држави и Европската Унија сè повеќе се разликуваат во приоритетите и пристапите, оваа поддршка повеќе не функционира координирано, што го става Косово пред нови политички и стратешки предизвици, пишува Радио Слободна Европа/Радио Либерти.

Минатата недела се одбележа 27-годишнината од интервенцијата на НАТО, која го запре насилството на српските сили во Косово и трајно го промени текот на неговата историја.

Тогашната одлука беше координирана меѓу сите сојузници и ја потврди нивната посветеност да го запрат крвопролевањето и етничкото чистење.

– Денес ние и нашите 18 сојузници на НАТО се согласивме да го сториме она што рековме дека ќе го сториме, што мора да го сториме за да го вратиме мирот – рече тогашниот американски претседател Бил Клинтон на 24 март 1999 година.

Оттогаш Косово ја консолидираше својата независност. И покрај сопствените предизвици и успеси, беше меѓународно признато, прифатено во разни организации и презеде важни чекори кон евроатлантската интеграција – благодарение на континуираната поддршка од западните сојузници.

Сепак, патот до полноправно членство во ЕУ и НАТО останува долг и тесно поврзан со Западот, кој денес е поделен и со нејасни ставови.

Тензиите меѓу САД и Европа кулминираа со војната во Иран, но започнаа да се зголемуваат уште во вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп околу прашања од трговија до автономната територија Гренланд.

Во едно од најсилните предупредувања оваа недела, Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од НАТО откако европските сојузници одбија да испратат бродови за да го деблокираат Ормутскиот теснец.

Тој претходно го опиша НАТО како „хартиен тигар“ кој не ги поддржува САД.

– Ќе кажам јавно, многу сме разочарани од НАТО, бидејќи НАТО не направи ништо… Најважно е што ние им доаѓаме на помош, но тие никогаш не ни доаѓаат нам – рече Трамп.

Иако најави дека ќе ја отвори темата во своето обраќање за состојбата на нацијата, тоа не го стори.

Ден подоцна, копретседателите на Групата за набљудување на НАТО во американскиот Сенат изјавија дека Конгресот нема да дозволи Вашингтон да се повлече од западниот воен сојуз.

Од другата страна на Атлантикот, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, призна дека односот меѓу двете страни е „комплициран“.

– Мислам дека е важно сите да разберат дека САД јасно ставија до знаење дека сакаат да ја поделат Европа. Тие не ја сакаат Европската Унија – рече Калас.

Изјавата следуваше неколку дена откако администрацијата на Трамп започна трговски истраги против ЕУ и други земји за наводно нефер практики, што можеше да доведе до воведување нови тарифи.

Одгласот на оваа поделба се чувствува далеку, а Косово се чини особено ранливо и изложено.

Неодамнешна студија на Групата за правни и политички студии во Приштина идентификува пет главни ризици за Косово: зголемено мешање во внатрешните работи, поголема ранливост на надворешни закани, ерозија на суверенитетот, зајакнување на авторитаризмот и пречки во евроатлантската интеграција.

Авторот, Алехандро Естесо Перез, објаснува дека Косово е поранливо поради спорниот статус, кој го спречува да добие целосно признавање и еднакво учество во меѓународните институции.

– Овие пет ризици мора да се гледаат како целина. Тие влијаат на сегашната и идната позиција на Косово на различни нивоа – вели Перез.

Тоби Фогел од Советот за демократизација во Брисел предупредува дека безбедносната и политичката иднина на Косово стануваат се поранливи.

Иако се дискутираат сценарија како повлекување на американските трупи од КФОР, Фогел смета дека главниот ризик е несигурноста.

– Живееме во тешка геополитичка средина: војна во Иран, Украина, Либан, нерешена Газа… Сето тоа го одвлекува вниманието од Балканот. Косово падна речиси на дното на листата на приоритети за Европејците – вели Фогел.

Тој предупредува дека секоја промена во меѓународното присуство на Косово може да предизвика поагресивни дејствија од различни актери, вклучително и локализирани инциденти што би можеле да ескалираат.

И покрај сè, долгорочната иднина на Косово се гледа преку паневропски структури и силни билатерални односи со клучните земји на ЕУ.

За властите во Косово, овие западни сојузи остануваат без алтернатива, но недостатокот на координација меѓу САД и ЕУ го ограничува нивниот простор за маневрирање.

Иднината на земјата зависи не само од домашните дејствија, туку и од одлуките донесени во главните центри на моќ на Западот – каде што моментално владее голема недоумица.