Научниците направија значаен чекор во потрагата по универзална вакцина против рак – третман кој би можел да ги трансформира основите на модерната онкологија. Истражувачки тим од Универзитетот во Флорида разви експериментална mRNA вакцина што не ги таргетира одредени видови тумори, туку директно го активира имунолошкиот систем да препознае и нападне канцерогени клетки.
Вакцината е тестирана во комбинација со веќе познатите инхибитори на имунолошки контролни точки, при што е забележан силен антитуморски одговор, објавено е во списанието Nature Biomedical Engineering.
„Ова е можеби почеток на нов пристап кон ракот – без хирургија, без хемотерапија, без таргетирање на еден тип тумор. Едноставно – будење на имунолошкиот систем,“ вели д-р Елијас Сајур, педијатриски онколог и главен автор на студијата.
Вакцината функционира така што не напаѓа директно тумор, туку имунолошкиот систем го стимулира како да реагира на вирусна закана. Тоа значи дека теоретски може да се користи кај многу видови рак, без потреба од специфична прилагодба.
Во лабораториски услови, научниците ја тестирале оваа вакцина кај глувци со различни тумори: меланом, рак на мозок и рак на коски. Во комбинација со лекот PD-1 инхибитор, резултатите биле уште поефикасни – тумори отпорни на третман почнале да се повлекуваат. Во некои случаи, вакцината била доволна и самостојно да го елиминира ракот.
„Највозбудливо е што оваа вакцина не мора да биде персонализирана,“ објаснува д-р Дуан Мичел, коавтор на студијата. „Наместо долги и скапи процедури за правење индивидуална вакцина за секој пациент, добиваме генерална формула што може да се комбинира со други терапии.“
Овој пробив доаѓа по минатогодишниот успех на тимот, кога слична персонализирана mRNA вакцина успешно ги активираше Т-клетките кај пациенти со глиобластом, еден од најагресивните мозочни тумори.
Новата вакцина, пак, оди чекор подалеку – таа не бара директно земање примероци од туморот, туку ја користи силата на имунолошкиот систем да препознае сè што не му припаѓа. Истражувачите веруваат дека со доволно силна активација, Т-клетките можат да се „разбудат“ и сами да го лоцираат и уништат ракот.
„Ова е потенцијално универзален начин за будење на одбранбениот механизам кај пациентите со рак,“ додава д-р Мичел.
Истражувачкиот тим сега работи на финално усовршување на формулата и подготвува терен за поголеми клинички испитувања врз луѓе. Ако сè оди според планот, оваа технологија би можела да стане дел од рутинскиот третман во иднината – без разлика на типот на рак.