ПРВ.мк
Македонија

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Потрес што го замолкна Скопје – 6,1 степени што за 20 секунди го претворија градот во урнатина

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Потрес што го замолкна Скопје – 6,1 степени што за 20 секунди го претворија градот во урнатина
Escape

На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот наутро, разорен земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтер и 9 степени по Меркалиевата скала го погоди Скопје и го остави без здив – околу 1.100 загинати, повеќе од 3.000 повредени, и 200.000 луѓе останаа без свој дом.

Земјотресот траеше само 20 секунди, но последиците беа трајни. Урнати 15.800 станови, оштетени 28.000 домови, стотици згради срамнети со земја, цели населби избришани. Скопје, главниот град на Македонија, беше речиси избришан од картата.

Историјата на градот е исполнета со катастрофи. Римскиот град Скупи, кој се наоѓал меѓу денешните Злокуќани и Бардовци, бил уништен во земјотрес во 518 година. Уште еден силен земјотрес го погодил Скопје и во 1555 година. Регионот околу Вардар е еден од сеизмички најактивните во Европа.

По земјотресот во 1963 година, светот покажа што значи вистинска солидарност – 87 држави испратија помош, меѓу кои и тогашните непомирени сили на Студената војна: американската и советската војска првпат соработуваа на иста хуманитарна мисија – во Скопје.

Од урнатините се роди ново Скопје, проектирано од познати урбанисти како Кензо Танге и Адолф Циборовски. Часовникот на старата железничка станица, кој застана точно во 5:17 часот, сè уште сведочи за моментот кога времето застана.

Најдлабоката трага ја остави фактот што, во првите денови по земјотресот, градот беше празен од детски гласови. Според податоците, загинале 120 деца, а по наредба на тогашните власти, над 105.000 луѓе биле евакуирани, од кои околу 30.000 биле деца. Некои заминале кај роднини, други биле распоредени низ сите југословенски републики.

Скопје денес го носи заслужениот епитет – „Град на солидарноста“, но болката, празнината и тишината што ја донесе тој јулски утрински потрес засекогаш останаа врежани во колективната меморија на градот и неговите луѓе.

Ask ChatGPT

Mia Home Mavrovo