Од полноќ возачите во земјава ќе мора да платат значително повеќе за гориво, особено оние што возат дизел автомобили. Новото драстично поскапување доаѓа по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, која ги зголеми цените на нафтените деривати, при што дизелот бележи најголем скок.
Веднаш по објавувањето на новите цени се создадоа редици пред бензинските пумпи, бидејќи многумина сакаа да наполнат гориво пред поскапувањето да стапи на сила.
Доколку се земе предвид дека просечниот резервоар на автомобил собира околу 50 литри гориво, тогаш за полнење со еуродизел од полноќ ќе треба да се платат 4.275 денари. Тоа значи дека истиот резервоар ќе чини 725 денари повеќе отколку ако се наполни пред новите цени да стапат на сила.
За автомобилите со бензински мотори, кои користат Еуросупер 98, полн резервоар со новите цени ќе изнесува околу 4.075 денари, што е 250 денари повеќе од досегашната цена.
Колку ќе чини горивото на месечно ниво
Ако се претпостави дека еден возач месечно поминува околу 1.000 километри, односно во просек околу 30 километри дневно, и ако автомобилот троши околу 8 литри на 100 километри во градски услови, тогаш месечната потрошувачка би изнесувала околу 80 литри гориво.
Со новите цени, тоа значи дека месечниот трошок за дизел би достигнал околу 6.840 денари, што е 1.160 денари повеќе од досега. За автомобилите што користат бензин Еуросупер 98, месечниот трошок би бил околу 6.520 денари, односно 400 денари повеќе.
Нови цени на горивата од полноќ
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, од ноќеска на полноќ:
- Дизелот поскапува за 14,5 денари по литар, што е зголемување од околу 20 проценти
- Бензините поскапуваат за 5 денари по литар
Новите малопродажни цени ќе бидат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 79,5 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 81,5 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 85,5 денари за литар
- Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1) – 82,5 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 42,586 денари за килограм
Капацитетот на резервоарите кај автомобилите се разликува. На пример, модел како „Ситроен Ц3“ најчесто има резервоар од околу 45 до 50 литри, додека поголеми возила како „Фолксваген Пасат“ имаат и до 70 литри, а „Голф“ обично има 55 до 60 литри.
Со ова поскапување, разликата во цените на горивата меѓу Македонија и соседните земји значително се намали. Дел од јавноста смета дека тоа може да донесе нови проблеми, бидејќи големите ценовни разлики во регионот често поттикнуваат точење гориво од соседните држави, како и нелегални активности и шверц со нафтени деривати.


















