И по речиси една година од трагичната ноќ во кочанската дискотека „Пулс“, државата сè уште размислува дали да ја укине партиципацијата за повредените од инцидентот, која тие самите ја плаќаат. Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека Министерството продолжува со активности за околу 200 лица, најмногу млади луѓе, кои беа повредени во кобната ноќ помеѓу 15 и 16 март 2025 година.
Во пресрет на одбележувањето на годишнината од трагедијата, Алиу од Кочани најави уредување на просторот околу општата болница со проширена дејност и средување на асфалтните површини. Според него, овие активности имаат цел да го подобрат пристапот до болницата и условите за пациентите и медицинскиот персонал.
Министерот потсети дека денешната посета е продолжение на институционалната грижа за регионот, откако кон крајот на ноември минатата година во Кочани беше отворен регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка.
Дополнително, планирано е демонтирање и отстранување на модуларната болница во Кочани, што ќе овозможи ослободување на простор за нови паркинг места и подобрување на инфраструктурата околу здравствената установа.


















