До сабота во раните утрински часови Македонија ја очекува изразено зимско време со обилни снежни врнежи и формирање снежна покривка во голем дел од земјата. Според најновите метеоролошки модели, снег ќе има во западните, северозападните и северните региони, како и на планинските подрачја, но снежна покривка се очекува и во повеќе градови и низински места.
Во урбаните средини и пониските предели се прогнозира слој од околу 5 до 15 сантиметри снег, а на места каде врнежите ќе бидат поинтензивни можно е снежната покривка да достигне и до 20 сантиметри. Во повисоките населени места се очекуваат од 15 до 30 сантиметри снег, додека на планините снежната маса ќе биде значително поголема, со висина од 30 до 60 сантиметри, а локално и над 70 сантиметри.
Покрај снегот, ќе дува умерен до засилен северен и североисточен ветер, кој на одредени места може да предизвика снежни наноси и намалена видливост, особено на планинските превои и отворените патни правци.
Метеоролозите апелираат на зголемена претпазливост во сообраќајот, особено во утринските часови кога ќе има замрзнати коловози и снежни наслаги.
За Скопје се прогнозираат снежни врнежи со реална можност за формирање снежна покривка од 5 до 15 сантиметри, а локално и до околу 20 сантиметри.

















