Жителите на скопските населби Црниче, Пржино, Водно, Ченто, Маџари и делови од Гази Баба веќе со недели се соочуваат со сериозни проблеми со водоснабдувањето. Притисокот е намален, а често нема вода по цели денови. Граѓаните се снаоѓаат како знаат – некои се бањаат кај роднини, други полнат туби и шишиња од работа.
„Секој ден станувам во пет сабајле да видам дали има вода. Ако нема – пак кај сестра ми да се истуширам пред работа“, раскажува Маја С. од Црниче.
Пензионерката Нена С. вели дека носи шишиња со вода за да зготви, да ги полее цвеќињата, па дури и за лична хигиена.
Што вели „Водовод и канализација“?
Од ЈП „Водовод“ информираат дека проблемот настанал поради:
- енормна и нерегулирана потрошувачка,
- нестабилен притисок, особено во високите делови на градот,
- сè почести дефекти на мрежата кои, според граѓаните, не се санираат навреме – вода тече по улици, додека домовите се без капка.
Според претпријатието, загубите на вода достигнуваат и до 70%, а притисокот се стабилизира дури по 23 часот. Апелираат до граѓаните за рационално користење.
Политички препукувања
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини градоначалничката Данела Арсовска дека наместо да го реши проблемот, се занимава со „висока политика“, додека граѓаните живеат во основни услови.
Арсовска возврати дека проблемот не е во системот, туку во кражбата на вода – особено во Шуто Оризари, каде, како што тврди, биле фатени и припадници на полицијата со диви приклучоци. За тоа, вели, МВР не поднело ниту една пријава.
Помош за Бутел
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, објави дека Владата одобрила над 110 милиони денари за решавање на проблемот со водоснабдување во Љубанци и Љуботен.
Додека надвор температурите растат, илјадници граѓани во Скопје се соочуваат со најосновниот недостиг – вода. А решението сè уште не се гледа на повидок.