Под влијание на многу ладна воздушна маса која се спушта од север, Македонија ќе ја дочека Новата 2026 година со екстремно ниски температури и изразено студено време.
Новогодишната ноќ ќе биде претежно ведра, но многу студена, со засилен северен ветер кој особено ќе се чувствува во југоисточните предели, каде повремено ќе дува и силно. Во текот на денот, брзината на ветерот ќе достигнува до 60 километри на час, а локално и повеќе.
Дневните максимални температури на повеќе места ќе останат под нулата и ќе се движат од -5 до 4 степени Целзиусови. Во Скопје и околината температурата ќе достигне околу 0 степени, но поради засилениот северен ветер, чувството на студ ќе биде значително поизразено, со повремени силни налети во делови од котлината.
Во текот на новогодишната ноќ температурите низ целата земја ќе бидат во минус и ќе се движат од -13 до -4 степени. Во Скопје се очекува температурата да се спушти до околу -7 степени, додека на повисоките места и во планинските предели се прогнозираат вредности и до -15 степени Целзиусови.
Првото утро од 2026 година ќе биде исклучително студено, со длабок минус низ целата држава, што ја прави оваа новогодишна ноќ една од најстудените во последните години.
Граѓаните се советуваат на внимателност, соодветна облека и заштита од ниските температури, особено при престој на отворено за време на новогодишните прослави.















