Невнимателен момент за малку завршил трагично за турист во Кина, откако паднал од стрмна планинска патека додека бил целосно фокусиран на својот мобилен телефон.
Инцидентот се случил при искачувањето кон храмот Кајшен, кој се наоѓа на врвот Беигао во градот Хангжу, пренесува британскиот весник Телеграф.
На видеоснимките што кружат на социјалните мрежи, се гледа како туристот стои на самиот раб од тесно камено скалиште, целосно „вдлабочен“ во телефонот, додека другите посетители внимателно се разминуваат по патеката. Во тој момент, зад него се приближува мазга натоварена со торби, водена од постар човек кој се движел нагоре по истата рута.
Иако животното не остварило директен физички контакт со туристот, товарните вреќи што виселе од страните на мазгата го удриле, по што тој ја изгубил рамнотежата. Се обидел да се задржи, но по неколку чекори се лизнал и паднал по стрмната падина покрај патеката.
Сведоци на настанот веднаш притрчале да помогнат, а набргу биле повикани и службите за итни случаи. Повредениот турист бил итно пренесен во болница, но засега нема официјални информации за тежината на неговите повреди.
Инцидентот повторно ја отвори темата за опасностите од користење мобилни телефони на ризични и тешко пристапни туристички локации, каде и најмалото невнимание може да има сериозни последици.
















