На четириесеттиот ден по Рождество, Пресветата Дева Марија Го донесе својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за да Му Го посвети на Бога и за да се очисти според Законот (3Мојс. 12, 2-7; 2Мојс. 12, 2). Иако Младенецот не требаше да биде посветен и Мајката не беше обврзана на очистување, Пресветата се придржуваше кон Законот, даден од Господа преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј.
Во тоа време, првосвештеник во храмот беше Захарија, таткото на Свети Јован Предвесник, кој ја смести Богородица на местото за девојки, а не на местото за жени. Во храмот тогаш се појавија две значајни личности: праведниот старец Симеон и Ана, ќерката на Фануил.
Симеон го зеде Младенецот Христос на раце и рече: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, зошто очите мои Го видоа спасителот Твој.“ Тој, исто така, предвиде дека Младенецот ќе биде причина за подигање и паѓање на мнозина во Израил.
Ана, која од младоста Му служеше на Бога во пост и молитва, Го препозна Месијата и Го прослави Бога, објавувајќи на Ерусалимјаните дека долгоочекуваниот Спасител дошол.
Фарисеите, разгневени поради тоа што Дева Марија била поставена на местото за девојки, го пријавиле случајот на царот Ирод. Сигурен дека Младенецот е Новиот Цар за когошто говореле ѕвездогледците од Исток, Ирод испратил наредба за Негово убиство. Но, во меѓувреме, Божјото семејство веќе го напуштило градот и, според упатството на ангелот Господов, се упатило кон Египет.
Денот Сретение Господово се празнува од самиот почеток на христијанството, а торжествено се востановил во 544 година, во времето на царот Јустинијан, како спомен на чудесното донесување на Младенецот Христос во храмот.

















