Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) подготви значајни измени и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност, со кои се создава темел за намалување на потрошувачката на енергија, ограничување на емисиите на стакленички гасови и поголема интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ).
Според Министерството, законското решение е целосно усогласено со европските стандарди и нуди економски придобивки за граѓаните и компаниите, како и можности за пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање нови зелени работни места.
Клучни новини вклучуваат воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“, според кој јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да применуваат најефикасни и трошковно-оптимални мерки, вклучително и технологии базирани на ОИЕ.
Владата на предлог на МЕРМС ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе станат речиси енергетски неутрални, со интеграција на соларни системи и други обновливи извори.
Во јавниот сектор се предвидува тројно зголемување на заштедата на енергија – годишната цел се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од јавните објекти секоја година. При изградба или значајна реконструкција на училишта, градинки и други јавни институции, ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо.
Министерството ќе обезбеди финансиска поддршка и механизми за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии. Дополнително, ќе се донесуваат годишни програми и уредби за поддршка на реконструкцијата на домувања, јавни и комерцијални објекти, а за нивното спроведување ќе се организираат јавни повици и јавни набавки.
МЕРМС ќе гарантира дигитална транспарентност, високи стандарди во јавните набавки, професионализација на енергетските контроли, локален напредок преку меѓуопштинска соработка и правна сигурност. Целта е создавање на правна, економска и социјална рамка која ги намалува трошоците за граѓаните, бизнисите и јавниот сектор, го забрзува усвојувањето на обновливите извори на енергија, отвора нови работни места во зелените технологии и градежништвото, и ја доближува земјата кон европските стандарди и климатска неутралност.
Министерството останува посветено на спроведување на реформите и очекува до крајот на годината да бидат донесени и Законот за енергетска ефикасност, Законот за користење на енергија од обновливи извори, Законот за рударство и геологија, Законот за концесии и Законот за јавно-приватно партнерство. Со овие мерки, се создава стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор кој обезбедува почиста животна средина, енергетска сигурност и подобар квалитет на живот за граѓаните.