Од денеска стапува во сила новата законска обврска за засилена автентикација при плаќања со платежни картички. Наместо досегашниот СМС-код, корисниците ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата може да се изврши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице.
Без оваа потврда плаќањето нема да може да се реализира, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта на оваа мерка е да се заштитат паричните средства на граѓаните и компаниите преку дополнителна проверка на идентитетот при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи и постепено се воведува во земјата. Таа веќе се применува при онлајн-увид во сметки, плаќања на физички продажни места и електронско или мобилно банкарство.


















