Од повеќе соседни земји на Иран пристигнуваат извештаи за сериозни ракетни напади. Новинар на агенцијата Ројтерс јавува дека во катарската престолнина Доха се слушнале повеќе експлозии, а од Абу Даби пристигнуваат информации за силни детонации, јавува Дојче веле. Во исто време, во Кувајт се огласиле сирени, додека во Бахреин се потврди дека американската флота била цел на напад. Во ирачката база пријавен е и прв загинат цивил.
Иранските вооружени сили соопштија дека извршиле напади врз четири американски воени бази во регионот – Ал Удеид во Катар, Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во ОАЕ и американската флота во Бахреин, пренесува агенцијата Фарс. Израелските воени власти пак известија дека откриле и уништиле ракети испратени од Иран кон нивната територија, но сепак има и жртви.
Нападите доаѓаат по неуспешните преговори во Женева за иранската нуклеарна програма, а ескалацијата ја создава голема неизвесност на Блискиот Исток. Во меѓувреме, светските пазари веќе реагираа: цената на нафтата скокна за околу три отсто, а експертите предупредуваат дека нарушувањата на испораките би можеле дополнително да ја зголемат нестабилноста.
Главната стратешка позиција на Иран, Хормушкиот теснец, е критична за извозот на нафта од регионот. Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати веќе го зголемиле извозот во очекување на можна блокада или нарушување на снабдувањето.
Ситуацијата продолжува да се развива, а илјадници луѓе во регионот се соочуваат со чувство на паника и несигурност. Светските медиуми ја следат секоја експлозија и реакција на меѓународните сили, додека последиците од ескалацијата веќе се чувствуваат и во економијата, и во политичката стабилност на регионот.


















