Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, испрати допис до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и до претседателот на Советот за безбедност, со кој порачува дека Техеран ќе продолжи со одмаздата се додека трае американската и израелската агресија. Тој нагласува дека Иран ќе го користи своето „неотуѓиво право на легитимна самоодбрана“.
Арагчи ги оцени воздушните напади од страна на САД и Израел како „грубо кршење“ на Повелбата на ОН и „вооружена агресија“. Иранските вооружени сили, според него, ќе ги употребат сите неопходни капацитети за да се спротивстават на нападите и да ги одвратат непријателските дејствија.
Според податоците на иранската Црвена полумесечина, повеќе од 200 лица загинале, а 747 се повредени во нападите кои започнаа утрово и се прошириле низ 24 провинции.


















