Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е мртов, испраќајќи жестока порака до иранските безбедносни структури дека сега имаат шанса за имунитет, а подоцна ќе добијат само смрт.
Во објава на Truth Social, Трамп го нарече Хамнеи „еден од најлошите луѓе во историјата“ и порача дека неговата смрт претставува правда не само за иранскиот народ, туку и за Американците и за сите жртви низ светот кои, според него, страдале поради иранскиот режим.
Тој наведе дека Хамнеи не успеал да се сокрие од американските разузнавачки и надзорни системи и дека во координација со Израел биле елиминирани и други ирански лидери. Трамп истакна дека ова е голема можност за Иранците да си ја вратат државата, додавајќи дека дел од Револуционерната гарда, армијата и безбедносните сили, според американски информации, повеќе не сакале да се борат и барале имунитет.
Пораката што ја повтори беше директна и заканувачка: „Сега можат да добијат имунитет, подоцна добиваат само смрт“. Во истата објава, Трамп порача дека бомбардирањето ќе продолжи без прекин во следните денови, сè додека, како што наведе, не се постигне целта за мир на Блискиот Исток и во светот.
Иако изјавата предизвика шок во светската јавност, од иранска страна во моментот на објавата немаше официјална потврда за смртта на Хамнеи.


















