Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати остра порака во која јасно ги посочи Иран и Русија како режими што, според него, шират терор и мора да бидат поразени без компромис. Во своето обраќање, тој нагласи дека Украина никогаш не му се заканувала на Иран, но дека Техеран свесно избрал да стане сојузник на Кремљ во војната против украинскиот народ.
Зеленски потсети дека Иран не ѝ помогнал на Русија само со дронови „Шахед“, туку и со технологии и оружје што Москва ги користи во нападите врз украински градови, цивили и енергетска инфраструктура. Според него, од почетокот на целосната инвазија, Русија употребила повеќе од 57.000 дронови од овој тип, што, како што оцени, е уште еден доказ за директната вмешаност на Техеран во руската агресија.
Украинскиот лидер порача дека е праведно иранскиот народ да добие шанса да се ослободи од, како што го нарече, терористичкиот режим, додавајќи дека безбедноста на сите држави кои биле погодени од насилство поврзано со Иран мора да биде гарантирана. Во исто време, тој ја поздрави одлучноста на САД, оценувајќи дека секој пат кога Вашингтон покажува цврстина, глобалните криминалци слабеат — порака за која рече дека треба добро да се слушне и во Москва.
Зеленски нагласи дека главната цел останува зачувување на што е можно повеќе животи и спречување на натамошно ширење на војната, но јасно стави до знаење дека, според Киев, нема место за попустливост кон режими што стојат зад терор и агресија.


















