Словенија официјално ќе воведе данок од 25% на добивките од криптовалути, кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2026 година, а првите обврзници ќе платат во средината на 2027 година.
За разлика од акциите, каде што данокот на капитална добивка се намалува со годините на поседување, кај криптовалутите тоа нема да важи – данокот ќе биде фиксен 25%, без оглед колку долго сте ги држеле средствата.
Данокот ќе се применува на секоја продажба или размена на криптовалути – без разлика дали за услуги, стоки, акции или конверзија во евра и долари.
Сепак, исклучок ќе има за оние физички лица кои се регистрирани за вршење дејност – за нив важи класичниот данок на добивка.
Основата за оданочување е разликата помеѓу вкупната вредност при продажба и вредноста при стекнување на крипто-средствата во една даночна година. Ако има загуба, таа може да се пренесе во следната година.
Дополнително, граѓаните ќе мора детално да ја евидентираат секоја крипто-транзакција и да ја достават на барање до Даночната управа.
Инвестициите до 1.000 евра годишно ќе бидат ослободени од данок.
Оваа регулатива означува почеток на нова ера за крипто-сцената во Европа, а Словенија е меѓу првите земји што со строги и прецизни правила ја оданочува дигиталната добивка.