ПРВ.мк
Економија

До кога граѓаните ќе плаќаат за струја што не ја потрошиле?

До кога граѓаните ќе плаќаат за струја што не ја потрошиле?

Здружението „Инженери на Република Македонија“ поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на паушалните сметки за струја, барајќи преиспитување на законските одредби што овозможуваат фактурирање врз основа на проценета, а не реална потрошувачка.

Од 29 мај 2025 година, Законот за енергетика предвидува дека сметките за струја треба да се засноваат исклучиво на реално измерена потрошувачка преку читање на броилото. Сепак, праксата на ЕВН сè уште овозможува издавање на паушални сметки во меѓупериоди кога броилата не се прочитани.

Според Организацијата на потрошувачи, паушалните сметки значат дека граѓаните плаќаат однапред за потрошувачка што можеби не ја имаат направено, а по читањето на броилото следи порамнување: ако е наплатено повеќе – потрошувачот добива пониска сметка, а ако е помалку – плаќа дополнително.

ИНРМ посочува дека паушалното фактурирање е спротивно на Законот, создава правна несигурност и може да доведе до неправедно исклучување од мрежата. Исклучоци се дозволени само кога броилото не може да се прочита поради технички проблеми.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информира дека граѓаните сега можат да видат дали нивното броило е прочитано или фактурирано врз основа на процена преку ознаката на фактурата – О = отчитано, М = проценета состојба. Исто така, се работи на инвестиции во паметни броила и на платформа за електронско читање, за граѓаните самите да можат да доставуваат податоци за потрошената електрична енергија.

Граѓаните имаат право да ја проверуваат состојбата на броилото, да бараат доказ за неговото читање и, доколку е потребно, ревизија од ЕВН. Целта е целосно елиминирање на неправедното наплатување паушално за електрична енергија.

Escape