Руската телевизија „Царград“, под контрола на олигархот Константин Малофеев, остро ја нападна Србија поради тоа што дозволила транзит на артилериски гранати за украинската армија преку своја територија. Телевизијата, позната по својата проруска и националистичка реторика, го оцени потегот како „удар во грб“ и порача дека „ќе биде како и секогаш со предавниците“, предупредувајќи ја официјална Србија дека ваквите одлуки носат последици.
Информациите се базираат на официјални документи, според кои на 12 јуни, српското Министерство за внатрешни работи, со согласност од Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи, дало зелено светло за транзит на 960 парчиња артилериски гранати од типот HE M107, со калибар 155 мм. Гранатите се произведени во Босна и Херцеговина, купени од чешка компанија, и наменети за украинската војска. Краен корисник е Министерството за одбрана на Чешка – земја која од февруари 2024 година активно предводи европска иницијатива за испорака на муниција за Украина. Целиот товар, спакуван на 132 палети, минал низ Србија преку граничниот премин Сремска Рача и продолжил по прецизно дефинирана рута кон ЕУ преку Хоргош.
Руската страна го гледа овој потег како предавство, особено во контекст на изјавата на српскиот министер за европски интеграции, Немања Старовиќ, кој за австрискиот медиум „Дер Стандард“ изјави дека Србија е подготвена да воведе санкции против Русија ако добие јасна перспектива за членство во Европската Унија. Таа изјава дополнително го засили незадоволството во руските кругови, но и предизвика внатрешни реакции во Србија. Партијата Покрет социјалиста веднаш реагираше и остро го критикуваше ставот на Старовиќ, истакнувајќи дека Србија не ја поддржува, како што ја нарекоа, „антируска хистерија“.
„Србија не воведе санкции против Руската Федерација не затоа што ќе го направиме тоа кога ќе биде на повидок членството во ЕУ, туку затоа што ние, Србите, не сме народ на предавници и кукавици кои ќе ја продадат мајката, браќата, верата и историјата“, се вели во реакцијата што ја пренесе и проруската агенција „Спутњик Србија“.
Целиот случај уште еднаш ја потенцира деликатната позиција на Србија, која се обидува да балансира меѓу традиционалните односи со Москва и стремежот за европска интеграција, додека нејзините потези сè повеќе се анализираат низ призмата на глобалните геополитички конфликти.