Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, на прес-конференција по повод утрешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), истакна дека никој не треба да им кажува на граѓаните што и кога да јадат или пијат, туку наместо тоа треба да им се обезбедат пристојни услови и повисоки плати за да можат сами да си ги овозможат сите потреби.
Тој потенцира дека дури ни во комунистичките времиња не се осмелувале да им се кажува на работниците што треба да јадат и кога, а денес, според него, ваквите обиди се многу погрешни и не даваат реално решение на проблемите со ниските примања и животниот стандард.
Трендафилов ја брани синдикалната минимална кошничка како единствена статистичка мерка што покажува реална слика за тоа како се живее во Македонија и колку тешко е да се обезбедат најосновните прехранбени производи. Тој им порача на носителите на политики дека наместо да ги напаѓаат синдикатите поради вредноста на кошничката, треба да се фокусираат на зголемување на платите.
Тој дури предложи и Владата да креира сопствена кошничка и да го отвори владиното бифе како работничка менза, ако навистина сака да покаже грижа за работниците.
Слободан Трендафилов потврди дека на утрешната седница ќе се бара минимална плата од 500 евра и дополнително зголемување од 6.000 денари на сите останати плати, како дел од решението за подобрување на животниот стандард на работниците во Македонија.