По неколку дена на екстремна горештина со температури над 42°C, Србија се соочи со силно невреме кое донесе драматично разладување, но и сериозни штети. Бурата ја зафати целата земја со силен ветер, поројни дождови и град, предизвикувајќи поплавени улици, паднати дрвја, оштетувања на објекти и сообраќаен хаос.
Во Белград важи активно метеоролошко предупредување од Републичкиот хидрометеоролошки завод, кој најавува дека невремето ќе се засилува во текот на денот. Најтешко погодени се Крагуевац и Јагодина, каде улиците се претвориле во реки, а дрвја паднале на патиштата. Има извештаи за материјална штета на згради и возила.
Во Аранѓеловац, очевидци пријавуваат град со големина на ореви, што предизвикало дополнителна штета на покриви и земјоделски насади. На социјалните мрежи кружат драматични снимки и фотографии, а граѓаните сведочат за „освежување со висока цена“.
Надлежните апелираат до граѓаните да не излегуваат без потреба додека трае нестабилното време и да бидат внимателни поради опасност од поплави и оштетени дрвја и објекти. Според прогнозите, нестабилното време ќе трае и во наредните часови.