Германската полиција соопшти дека во неделата околу 19 часот делови од согорен метеорит удриле во покривот на куќа во градот Кобленц.
Од ударот настанала дупка со големина на фудбалска топка, но за среќа никој не бил повреден. Според информациите, станарите во моментот на падот се наоѓале во друга просторија од куќата.
Граѓаните во повеќе делови на Германија пријавиле дека виделе „светкав објект со краток огнен блесок“ или „силен блесок на небото сличен на молња“. Поради тоа, полицијата примила голем број повици од загрижени граѓани.
Во регионот на Хесен биле регистрирани многу итни повици, а во Дармштат дел од граѓаните изразиле страв дека можеби станува збор за ракета. Слични пријави имало и во покраините Баден-Виртемберг, Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија.
Сепак, полицијата соопшти дека нема индикации за каков било безбедносен инцидент. Експертите утврдиле дека станува збор за небески феномен – метеорит кој најверојатно речиси целосно изгорел во атмосферата, па во ниту еден момент немало опасност за јавноста во Германија.


















