ПРВ.мк
Балкан

ХАОС ВО САРАЕВО: Израелски туристи останаа без пасоши – фрлени во ѓубре од хотелска фиока!

ХАОС ВО САРАЕВО: Израелски туристи останаа без пасоши – фрлени во ѓубре од хотелска фиока!

Невиден пропуст се случи во Сараево каде што 47 израелски туристи останаа заглавени без пасоши, откако документите по грешка биле фрлени во отпадоци од страна на хотелот во кој престојувале. Според официјалната верзија, се работи за несреќен инцидент.

Инцидентот бил забележан на снимките од безбедносните камери, каде се гледа дека кутијата со пасошите се лизнала од фиока и паднала директно во кеса за отпадоци. Без никој да забележи, вработените од комуналната служба ја подигнале кесата и ја однеле на градската депонија. И покрај обидите, пасошите досега не се пронајдени.

Групата туристи требаше да се врати во Израел во сабота, но поради изгубените документи, не можеле да се качат на летот. Според моменталните проценки, ќе останат во Сараево најмалку до понеделник, а некои дури стравуваат дека ситуацијата би можела да трае и над една недела.

Израелското Министерство за надворешни работи потврди дека ја следи ситуацијата преку својот сектор за Израелци во кризни ситуации и преку амбасадата во Белград, која моментално е најблиската дипломатска канцеларија со надлежност за регионот.

Од страна на босанските власти, инцидентот е оквалификуван како „техничка грешка без лоша намера“. Веднаш се преземени итни чекори за издавање на привремени патни документи, со цел туристите да можат да се вратат во својата земја што е можно поскоро.

Хотелот каде што се случил инцидентот им понудил на туристите бесплатно сместување и оброци, додека трае административната постапка.

Сепак, некои од туристите се сомневаат дека инцидентот не бил случаен. Во изјава за медиумите, еден од нив изразил сомневање дека пасошите можеби биле фрлени намерно, со оглед на тоа што носеле израелски грб.

„Ова е премногу чудна ситуација. Како може некој да фрли документи за идентификација? Се сомневаме дека ова е чин на дискриминација,“ изјави туристот.

Овој чувствителен инцидент се случува во период на зголемени тензии низ Европа, вклучително и пораст на антисемитизам, што дополнително ја усложнува ситуацијата.

Службата за странци на Босна и Херцеговина одби да коментира за исчезнатите пасоши, истакнувајќи дека тоа е во надлежност на Сараевската полиција, но потврди дека веднаш обезбедила логистичка и административна помош за туристите.

Засега нема индиции за криминален мотив, иако истрагата е во тек. Туристите чекаат решение, а јавноста со интерес ја следи оваа несекојдневна ситуација.

Escape