Бран од запалени и демолирани кафулиња го тресе Белград од крајот на април, а досега десетици локали, вклучувајќи и познати ресторани, биле цел на криминални напади. Последниот инцидент се случи вчера, кога објект за брза храна во самиот центар на градот бил запален, што дополнително ја вознемири јавноста.
Истовремено, полицијата уапси истакнат припадник на таканаречениот „врачарски клан“, Александар А., познат како Кравица, за кого постои сомнеж дека стои зад рекетирањето и палењето угостителски објекти низ српската престолнина. Во акцијата биле приведени и негови соучесници, меѓу кои и малолетници.
Според истрагата, криминалните групи им нуделе „заштита“ на сопствениците на локали во замена за пари. Одбивањето значело закана, кршење или палење на објектот. Начинот на извршување, велат експертите, потсетува на мафијашките методи од 90-тите, кога бизнисите се „чувале“ со бензин и запалки.
Пензионираниот полковник Милан Миловиќ предупредува дека клановите сè почесто врбуваат млади и малолетници, кои ги вовлекуваат во долгови, а потоа ги користат за криминални задачи.
Во последната полициска акција приведени се четири полнолетни и четири малолетни лица, а надлежните уверуваат дека улиците се под контрола и дека истрагата ќе продолжи со полна сила.
















