Сѐ поголем број македонски граѓани се одлучуваат да извадат српски пасош, што се поврзува со блиските односи меѓу двете земји и народи. Иако можностите за патување со македонскиот и српскиот пасош се слични, сепак постојат одредени практични предности поради кои интересот расте.
Голем дел од граѓаните кои аплицираат за српско државјанство тоа го прават за да им овозможат на своите деца полесно школување на универзитетите во Србија. Други го користат за деловни активности, спортска кариера или поради семејни врски, како брак со државјани на Србија.
Не постојат официјални податоци за точниот број македонски граѓани кои извадиле српски пасош, но според последниот попис околу 10.000 граѓани поседуваат двојно државјанство – македонско и српско.
Саша Богдановиќ, припадник на српската заедница во Македонија, посочува дека интересот расте од повеќе причини.
„Постои интерес од двете страни, најчесто од економски причини. Некои го вадат за работа, други за спорт или култура. Има и случаи кога луѓе од Србија доаѓаат овде да работат или стапуваат во брак,“ вели Богдановиќ.


















