Единаесетгодишно момче од Тетово продолжува да ги изненадува професорите и натпреварувачите низ Европа. Македон Димитровски веќе подолго време реди импресивни успеси на математички натпревари, а неговото име сè почесто се споменува меѓу најталентираните млади математичари.
Речиси и да нема месец без нова награда. Последниот успех го постигна на меѓународниот турнир Математика без граници, од каде повторно се врати со златен медал. Информацијата ја споделиле неговите родители, кои велат дека ова е само уште едно признание во низата успеси што ги постигнува нивниот син.
Само еден месец претходно, истиот натпревар му донел уште едно злато – овој пат од зимската сесија на турнирот, каде што ученици од многу држави се натпреваруваат во решавање сложени математички задачи.
Голем успех младиот математичар постигнал и кон крајот на декември, кога на Германска математичка олимпијада освоил златен медал со максимален број бодови. Со овој резултат обезбедил пласман во суперфиналето што ќе се одржи во Франкфурт во мај.
Според неговото семејство, љубопитноста и желбата за учење кај него се појавиле уште во најраната возраст. Кога го запишувале на училиште, психолозите дури предложиле веднаш да продолжи во повисоко одделение. Сепак, родителите решиле да остане со својата генерација, сметајќи дека е важно развојот да биде и емоционален, а не само интелектуален.
Иако е многу млад, резултатите што ги постигнува веќе го издвојуваат како едно од најперспективните имиња во младата математичка сцена.


















