Три недели по почетокот на конфликтот, администрацијата на Доналд Трамп започнала прелиминарни разговори за следната фаза од судирот и можен мировен договор со Иран, пренесуваат извори за Axios. Трамп најавил дека сериозно размислува за „завршување“ на војната, иако се очекува борбите да продолжат уште две до три недели.
Неговиот тим, предводен од изасланиците Џаред Кушнер и Стив Виткоф, веќе работи на поставување основи за дипломатско решение.
САД поставуваат шест клучни барања до Иран: петгодишен прекин на ракетната програма, целосна забрана за збогатување ураниум, демонтажа на нуклеарните објекти во Натанз, Исфахан и Фордоу, воспоставување строг надзор врз центрифугите, потпишување регионални договори за контрола на вооружувањето и прекин на финансирање на групи како Хезболах, Хути и Хамас.
Иако директни разговори сè уште нема, комуникацијата се одвива преку посредници како Египет, Катар и Обединетото Кралство. Од иранска страна се поставени услови што вклучуваат прекин на огнот, гаранции дека конфликтот нема да продолжи и исплата на отштета – барања што засега се неприфатливи за Вашингтон.
Во меѓувреме, тимот на Трамп анализира кој е вистинскиот преговарачки партнер во Иран и кој посредник би бил најсоодветен, при што како сериозен кандидат се разгледува Катар, поради неговата успешна улога во претходни дипломатски процеси.
Американската администрација останува фокусирана на можноста за дипломатско решение, доколку се создадат услови за официјални преговори.


















