Високиот ирански безбедносен функционер Али Лариџани реагираше на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за блокирање на Ормускиот теснец, упатувајќи остра и директна порака до него.
Во серија објави на социјалната мрежа Икс, Лариџани истакна дека Иран не се плаши од „безвредните закани“ на американскиот лидер. Тој напиша дека „и оние што беа помоќни од вас не успеаја да го елиминираат иранскиот народ“ и предупреди: „Бидете внимателни, за да не бидете елиминиран“.
Оваа размена на остри изјави следи по претходната објава на Трамп на платформата „Трут сошл“, во која предупреди дека Иран ќе биде погоден „дваесет пати посилно“ доколку се обиде да го запре протокот на нафта низ Ормускиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на енергенси.

















