Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека за првите два дена од нападите врз Иран биле потрошени околу 5,6 милијарди долари за муниција, според извештај доставен до одборите на Конгресот.
Извори запознаени со извештајот наведуваат дека американските законодавци изразиле загриженост за влијанието на конфликтот врз воените резерви на САД. Членовите на Конгресот предупредуваат дека продолжувањето на воените операции може да ги исцрпи залихите во момент кога одбранбената индустрија веќе има потешкотии да ја задоволи растечката побарувачка.
Пред четири дена, претседателот Трамп се сретнал со раководители на седум големи одбранбени компании, додека Пентагон работи на обновување на воените резерви. Сепак, Белата куќа сè уште не објавила официјална проценка за вкупните трошоци на конфликтот, кој започна на 28 февруари во координација со Израел.
Членовите на Конгресот бараат дополнителни информации, вклучително и јавни сведочења на високи функционери за влијанието на војната врз подготвеноста на американската армија. Очекувањата се дека Белата куќа наскоро ќе поднесе барање за нов пакет финансиска поддршка за конфликтот, кој според некои проценки може да надмине 50 милијарди долари, со можност сумата да биде и поголема.
















