На денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочеше сопственикот на фирмата за продажба и сервис на сценска опрема Горан Игновски, кој појасни детали за прскалките што претходно му ги продал на групата ДНК.
Игновски објасни дека три години пред пожарот на Панчо од ДНК му продал куферче за далечинска активација и осум прскалки, набавени нелегално од пазар во Бугарија. Тој категорично рече дека прскалките што ги продал не се истите што го предизвикале пожарот во „Пулс“. Според него, прскалките што се користеле таа вечер имале голем домет и биле премногу моќни за внатрешна употреба, додека тој првично набавил прскалки од два метри за демонстрација.
– „Да користеле од два метри или метар и половина немало да има проблем. Такви има само на Бит пазар. Она што јас сум донел се прскалки од два метри за внатрешна употреба“, изјави Игновски.
Освен него, на рочиштето беа сослушани и сведоци поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Сметководителката Кристина Конеска рече дека целата комуникација била со сопственикот Јане, додека со Александар Нацев комуницирала само по мејл, најчесто за фактури. Таа истакна дека не постоел материјален доказ или фактура помеѓу „Рубикон“ и „Пулс“.
Трајче Димишковски, вработен во агенцијата, рече дека по трагичниот 16 март добил полномошно од Александар Нацев за да потпишува плати за вработените и да се избегнат застои.
Следното рочиште за случајот е закажано за четврток, кога се очекуваат нови сведочења и дополнителни детали за одговорноста за пожарот и постапувањето на вработените и агенцијата за обезбедување.

















