Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вечерва, по повод 100 дена од мандатот, порача дека ова не е време за „тивка функција“, туку за длабоки и трајни промени што ќе го променат ликот на градот. На отчетот одржан во Македонска филхармонија, тој најави крупни инфраструктурни зафати и целосна реорганизација на градскиот систем.
„Ова што го постигнавме е само почеток. Го поставивме темелот врз кој конечно ја градиме иднината на Скопје како модерен и достоинствен град“, рече Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека наследил град во хаос – со блокирани јавни претпријатија, расипана механизација, автобуси во гаражи и долг од речиси 300 милиони евра.
Според него, во првите 100 дена се вовел ред во институциите, се нормализирало функционирањето на системот и биле намалени долговите за повеќе од 40 милиони евра преку кратење непродуктивни трошоци и воспоставување финансиска дисциплина. Исплатени биле и заостанатите плати во јавните претпријатија, а започната е целосна ревизија и реорганизација на администрацијата.
Ѓорѓиевски соопшти дека од работа биле отстранети над 600 вработени во јавните претпријатија кои со месеци или години не доаѓале на работа, а примале плата. „Секој чесен и одговорен работник ќе биде почитуван. Секој што се огрешил – ќе одговара“, изјави тој.
Меѓу одблокираните и најавени проекти ги посочи клучката кај Момин Поток, подземната сообраќајница кај Старата железничка станица, проектот за брз автобуски превоз, изградбата на улицата Љубљанска, како и пуштање во употреба на Градскиот воз како современа и еколошка алтернатива. Најави и изградба на монтажни објекти во кругот на Клиничкиот центар, нови зелени површини, решавање на проблемот со уличните кучиња, изградба на Луна парк и трансформација на Скопската зоолошка градина во модерен центар за едукација и заштита на природата.
Во однос на загадувањето на воздухот, тој рече дека проблемот не може да се реши преку ноќ, но дека се спроведуваат инспекциски контроли врз индустриските капацитети и се работи на подобрување на сообраќајот, изградба на зелени коридори и третман на депониите.
Ѓорѓиевски потврди дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, посочувајќи дека процесот бил одблокиран по преговори во Брисел. „Во 2028 година Скопје ќе биде јасно присутно на европската и светската културна мапа“, нагласи тој.
Градоначалникот информираше дека Буџетот на Град Скопје за 2026 година изнесува 8,8 милијарди денари, што е зголемување од 10,8 проценти во однос на 2025 година. Основниот буџет изнесува 5,2 милијарди денари и е зголемен за 12 проценти, додека капиталните инвестиции во основниот буџет се повисоки за 33,4 проценти. Најмногу средства се предвидени за образование, култура, спорт, социјална и противпожарна заштита и животна средина.
„Сто дена без алиби. Сто дена тешка, но чесна борба. Ова е само почеток“, порача Ѓорѓиевски.

















