ПРВ.мк
Црна Хроника

АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ: Внимавајте осудуван измамник користи бебиња за да изнудува донации!

АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ: Внимавајте осудуван измамник користи бебиња за да изнудува донации!
Kristal

Додека социјалните мрежи се преплавени со емотивни повици за помош, зад еден од најновите апели во Штип се крие внимателно осмислена измама. Со фотографии од болни деца преземени од интернет, лице веќе познато на правосудните органи се обидува да ја злоупотреби емпатијата на граѓаните и да извлече пари преку лажна хуманитарна приказна.

„Помогнете му на ангелчето“, „Бебенцето е оперирано“, „Итно ни требаат пари за лекови од Турција“ – со вакви пораки, објавени и пренесени од 4news.mk, корисникот Дениз Зејнула преку Фејсбук групи за продажба наводно бара донации за тешко болно дете. Но зад потресните зборови не стои реален медицински случај, туку лажен профил кој користи фотографии украдени од странски медиуми и портали.

Фотографии од Британија и арапски портали претставени како „домашен случај“

Проверката на сликите што се споделуваат како „доказ“ открива вознемирувачка вистина. Една од фотографиите, која наводно прикажува дете оперирано во Штип или Скопје, всушност потекнува од прилог на BBC и се однесува на случај на сепса во Ковентри. Други фотографии циркулираат на арапски портали со сосема различна содржина и контекст.

Станува збор за класична дигитална манипулација, каде емотивната ранливост на јавноста се користи како средство за брза и противправна заработка.

Менување дијагнози и нејасни „документи“

Граѓани кои стапиле во контакт со лицето сведочат за низа контрадикторности. Кога ќе побарале официјални медицински извештаи, следеле различни и меѓусебно спротивставени објаснувања:

  • Прво се барале 90.000 денари за операција на крајници;
  • Потоа приказната се менувала во сериозни проблеми со срцето и дишењето;
  • Се тврдело дека документацијата е во болницата „Систина“, но истовремено се споменувала и државна клиника.

Наместо валидни медицински извештаи, потенцијалните донатори добивале фотографии од нејасни документи и лична трансакциска сметка на име на самото лице.

Осудуван за компјутерски криминал

Според достапни судски информации, името на Дениз Зејнула веќе се појавува во пресуди на Основен суд Штип. На крајот од 2024 година тој бил прогласен за виновен за кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.

Во пресудата се наведува дека на измамнички начин дошол до туѓи платежни картички и подигнувал пари од банкомати во Штип, по што добил условна казна затвор. Очигледно, ниту оваа санкција не го спречила повторно да се обиде да дојде до противправна имотна корист.

Аларм за институциите и граѓаните

Иако објавите со личната банкарска сметка се јавно достапни, а граѓани веќе предупредуваат на социјалните мрежи, останува непознато колку лица досега биле измамени.

Апелот до јавноста е да се донира исклучиво преку официјални броеви од телекомуникациски оператори или преку регистрирани и проверени хуманитарни организации. Лажните апели не само што носат финансиска штета, туку сериозно ја поткопуваат довербата во вистинските случаи каде помошта е навистина неопходна.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo