Во Сантијаго, Чиле, камион што превезувал течен природен гас експлодирал на автопат, при што животот го загубиле четири лица, а 17 се повредени.
Според првичните информации, возачот на камионот ја изгубил контролата врз возилото непосредно пред несреќата и е идентификуван како една од жртвите. Експлозијата предизвикала силен ударен бран и густ облак чад, кој бил видлив на поголема оддалеченост. Детонацијата се почувствувала во радиус од околу 200 метри, а оштетени се најмалку 50 возила паркирани во близина и на самиот автопат.
Надлежното обвинителство започна истрага за утврдување на причините за несреќата. Компанијата Гаско, во чија сопственост бил камионот, засега нема објавено официјален коментар за инцидентот.

















