Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека во тек се подготовките или почетните фази на реализација за 17 проекти со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Според него, овие проекти ќе создадат околу 4.500 до 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, но има и проекти надвор од ТИРЗ, како инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, вредна половина милијарда долари, која се очекува на пролет да започне со реализација на терен“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека земјоделството доживува позитивен пресврт, со двојно поголем извоз на земјоделски производи во четвртиот квартал од минатата година, достигнувајќи околу 12,5 милијарди денари, додека за целата 2025 година извозот надминал 450 милиони евра во споредба со околу 200 милиони увоз. Премиерот истакна дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон вистинските производители и ќе спречи злоупотреби на субвенциите.

















