Во вооружен напад во училиштето „Ајсер Чалик“ во Кахраманмараш, Турција, животот го загубија девет лица, додека 17 се повредени. По трагедијата, во јавноста се појавија вознемирувачки видеа на кои се гледа 14-годишниот напаѓач како вежба пукање на стрелиште.
Станува збор за ученик од осмо одделение, идентификуван како Иса Арас Мерсини, кој по нападот починал. Неговите родители се приведени, а истрагата е во тек.
Според изјавите на таткото, кој е полициски службеник, тој го носел својот син на стрелиште и му покажувал како да ракува со оружје. Дел од тие тренинзи сега се појавија во видео-снимки кои предизвикаа шок кај јавноста.
Дополнително, објавено е уште едно видео направено во училница пред нападот, на кое се гледа како момчето се однесува необично, имитирајќи движења со оружје зад друг ученик. Соученици го опишуваат како повлечен, опсесивен и склон кон агресивно однесување.
Според информациите, напаѓачот го донел оружјето во училиште скриено во ранец и започнал да пука за време на смена, отворајќи оган кон учениците. Полицијата брзо реагирала и започнала обемна истрага.
Министерот за внатрешни работи на Турција изјави дека станува збор за изолиран случај, а не за терористички чин, но нагласи дека трагедијата длабоко ја потресе јавноста.
Исто така, истрагата открила дека момчето на својот профил користело фотографија од познат масовен убиец како инспирација, што дополнително ја продлабочува загриженоста за влијанието на насилните содржини врз младите.
Надлежните институции продолжуваат со анализа на дигиталните докази и околностите што довеле до овој трагичен настан.










