Цените на нафтата на светските берзи бележат пад по веста за стапување во сила на прекин на огнот меѓу Израел и Либан. Дополнителен притисок врз пазарите изврши и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека војната со Иран би можела да се приближува кон крај, по тврдењата дека Техеран наводно се согласил да се откаже од збогатување ураниум.
Според податоците од берзите, суровата нафта од типот „Брент“ се намалила на околу 98,5 долари за барел, додека американската лесна нафта се тргува околу 93,6 долари. И покрај падот, аналитичарите предупредуваат дека енергетскиот пазар и понатаму останува исклучително нестабилен и чувствителен на секој нов геополитички развој.
Една од клучните точки што и понатаму го држи пазарот под притисок е Ормуски теснец, каде што протокот на нафта, според извештаи, сè уште е под нормалното ниво поради ограничувања во морскиот сообраќај. Овој теснец останува една од најважните и најчувствителни точки за глобалната енергетска безбедност.
Експертите оценуваат дека цената на нафтата може да оди во две крајности – или да достигне нови високи нивоа, или да се врати на предвоените вредности, во зависност од текот на преговорите меѓу САД и Иран, но и од состојбата со пловидбата низ Ормускиот теснец.
Иако финансиските пазари реагираат на оптимистичките политички најави, реалната физичка понуда на нафта и понатаму е ограничена. Тоа значи дека рафинериите во многу случаи сè уште плаќаат високи цени за итни испораки, што ја одржува неизвесноста на енергетскиот пазар.










