ПРВ.мк
Свет

Мала земја, огромна добивка: Како држава со под милион жители профитира милијарди од глобалниот хаос?

Мала земја, огромна добивка: Како држава со под милион жители профитира милијарди од глобалниот хаос?

Додека светот го тресат конфликти и тензии околу Ормуски теснец, една мала држава од Јужна Америка тивко бележи невиден економски бум. Станува збор за Гвајана – тропска земја со помалку од милион жители, која благодарение на нафтата станува еден од најголемите „победници“ на глобалната криза.

Иако географски е далеку од воените жаришта, Гвајана директно профитира од растот на цените на нафтата и нарушувањата во снабдувањето. Од почетокот на експлоатацијата на новооткриените нафтени полиња во 2019 година, економијата на земјата се зголемила четирикратно – најбрз раст во светот. Дури и кога цените биле релативно стабилни, напредокот бил значителен, а со сегашните цени од околу 100 долари за барел, приходите експлодираат.

Политичката стабилност дополнително ја зајакна довербата на инвеститорите. Претседателот Ирфан Али беше реизбран, што ги смири стравувањата од политички пресврти. Истовремено, тој ја позиционираше земјата како фактор и во климатските политики, ветувајќи дека нафтените приходи ќе се користат и за справување со климатските предизвици.

Серија геополитички настани дополнително ѝ одат во прилог на Гвајана. По интервенцијата на САД во Венецуела и отстранувањето на Николас Мадуро, се отвори простор за продолжување на истражувањата во региони кои претходно биле блокирани. Тоа овозможи поголема експлоатација на огромниот нафтен блок „Стабрук“, кој се наоѓа во Атлантикот.

Приходите од нафта растат со неверојатно темпо. Според проценки, тие скокнале од околу 370 милиони на дури 623 милиони долари неделно. Плановите се производството да достигне околу 940.000 барели дневно. Ако цените останат високи, Гвајана би можела да инкасира дури 33 милијарди долари годишно.

Голем дел од нафтата завршува во Европа, каде што се плаќаат повисоки цени, што дополнително ги зголемува приходите. Таканаречениот „воен бонус“ носи екстра заработка, бидејќи енергетските пазари се под притисок.

Сепак, зад оваа приказна за богатство се крие и сложена реалност. Во моментов, државата добива само околу 14,5% од вредноста на нафтата, додека најголемиот дел оди кај компаниите, меѓу кои доминира ExxonMobil. Се очекува овој однос да се промени во корист на Гвајана во наредните години, кога ќе се отплатат трошоците на компаниите.

Индустријата се шири со брзо темпо – се градат нови пловечки платформи за складирање и преработка (FPSO), а веќе се планираат дополнителни проекти, вклучително и производство на природен гас.

И покрај економскиот бум, земјата се соочува со сериозни предизвици. Големата зависност од нафтата создава ризик од таканареченото „проклетство на ресурсите“, каде што богатството од природни ресурси може да ја ослаби остатокот од економијата.

Трошоците за живот драстично пораснале – храната и домувањето се поскапи за околу 75% од 2021 година. Нафтениот сектор ја привлекува најквалификуваната работна сила, што остава празнини во други индустрии. Дополнително, има критики дека богатството не се распределува рамномерно – повеќе од половина од населението сè уште живее во сиромаштија.

Владата инвестира во инфраструктура – патишта, мостови, болници – и засега успева да ја држи инфлацијата под контрола. Сепак, постои страв дека зголемените приходи може да доведат до прекумерно трошење и политички клиентелизам.

Експертите предупредуваат дека клучно ќе биде како ќе се управува со овој неочекуван прилив на пари. Предлогот е дел од средствата да се насочат во суверен фонд, кој би обезбедил долгорочна стабилност.

Гвајана денес е пример како глобалните кризи можат да создадат неочекувани победници – но и потсетник дека вистинскиот предизвик допрва доаѓа: како тоа богатство да се претвори во одржлив развој за целото население.

Најнови вести