Девет лица се повредени во сообраќајна несреќа што се случи денеска во белгискиот град Антверпен, откако се судриле два трамваи, јавуваат локалните медиуми.
Меѓу повредените се и двајцата возачи на трамваите. Едниот од нив се здобил со посериозни повреди, но според информациите од здравствените служби, тој не е во животна опасност. Останатите седум повредени се патници, кои поминале со полесни телесни повреди и им била укажана медицинска помош.
Локалната полиција соопшти дека причините за несреќата засега не се познати. Во тек е истрага во која ќе бидат сослушани патниците, а ќе се анализираат и снимките од безбедносните камери на трасата. Дополнително, извршените тестови на двајцата возачи за алкохол и наркотици биле негативни.
Поради судирот, трамвајскиот сообраќај на делницата каде што сообраќаат четири линии бил целосно прекинат околу два и пол часа, што предизвикало застои и пренасочување на патниците.
Надлежните служби најавуваат дека по завршување на истрагата ќе бидат објавени повеќе детали за причините што довеле до оваа несреќа.
















