Рускиот претседател Владимир Путин во своето традиционално новогодишно обраќање испрати порака за сила и истрајност, ветувајќи победа во војната во Украина, додека руската инвазија се приближува кон својата четврта година, објави Гардијан.
Обраќајќи им се директно на руските војници распоредени на фронтот, Путин порача дека тие ја презеле одговорноста да се борат за својата татковина. „Ја презедовте одговорноста да се борите за вашата родна земја, за вистината и за правдата. Милиони луѓе низ Русија се со вас во оваа новогодишна ноќ“, беше цитиран Путин од Москва тајмс.
Тој им упати честитки на војниците и командантите за Новата година, нагласувајќи ја вербата во конечен успех. „Веруваме во вас и во нашата победа“, додаде рускиот лидер.
Датумот 31 декември има и симболично значење за Путин, бидејќи годинава се навршуваат 26 години од неговото доаѓање на власт. Тој стана претседател на Русија на новогодишната ноќ во 1999 година, откако тогашниот претседател Борис Елцин поднесе оставка.
Телевизиското новогодишно обраќање е длабоко вкоренета традиција во Русија, започната уште во советскиот период од лидерот Леонид Брежњев. Говорот се емитува на државната телевизија непосредно пред полноќ и го следат милиони домаќинства низ сите 11 временски зони во земјата.















