По еден месец присуство на улиците на Лос Анџелес, Пентагон нареди повлекување на 700 маринци распоредени како дел од акцијата за справување со протестите поврзани со имиграциската политика на администрацијата на Доналд Трамп.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, донесе одлука за нивно прераспоредување, откако според официјалната проценка, „стабилноста се вратила во градот“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
„Нивниот брз одговор, непоколеблива дисциплина и недвосмислена присутност беа клучни за воспоставување ред и одржување на владеењето на правото,“ – изјави Парнел.
Тој додаде дека испратиле „јасна порака: беззаконието нема да се толерира.“
Маринците и Националната гарда беа мобилизирани во јуни, откако во градот избувнаа повеќедневни протести против имиграциските политики и рациите за депортација на недокументирани имигранти. Трамп распореди 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци, и покрај отвореното противење од гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.
Критичарите, меѓу кои и медиумите и правозаштитни организации, предупредија дека ваквите воени распореди ја зголемиле тензијата и ги влошиле условите на терен. Германската новинска агенција ДПА потсети дека многумина сметаат дека Трамп ги користел овие потези за политички поени.
Во нормални услови, Националната гарда е под контрола на државните власти, но во случај на национална вонредна состојба, претседателот има право да ја преземе командата. И покрај повлекувањето на маринците, околу 2.000 припадници на Националната гарда остануваат во градот, според администрацијата на Трамп – со цел да го заштитат федералниот имот и службеници.
„Никогаш немаше потреба војската да се распореди против цивили во Лос Анџелес,“ изјави Њусом, додавајќи дека „штетата веќе е направена“ и уште еднаш ги повика федералните власти да престанат со милитаризацијата.
Инаку, Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк, како градови под демократска власт, беа директно таргетирани од имиграционата офанзива на Трамп. Тој бараше федералните агенти да ги интензивираат рациите, што доведе до масовни депортации – еден од клучните столбови во неговата изборна реторика.
По враќањето на функцијата во јануари, администрацијата на Трамп започна медиумски засилени акции, со фотографии, извештаи и јавни соопштенија за спроведените депортации – со цел да демонстрира цврст став и конкретни резултати.
Се проценува дека во САД живеат околу 11 милиони недокументирани имигранти, од кои голем дел се вклучени во економски критични сектори, како што се земјоделството, градежништвото и угостителството.