Големи делови од московскиот регион останаа без електрична енергија вечерта на 30 декември, откако, според руските власти, украински беспилотни летала ги таргетирале енергетските објекти во поширокото подрачје на Москва.
Според првичните официјални информации, над 100.000 жители останале без струја, но поединечни извори, цитирани од украинската агенција UNN и руски Телеграм-канали, наведуваат значително повисоки бројки – меѓу 500.000 и 600.000 корисници погодени од прекинот.
Снабдувањето со електрична енергија било прекинато кратко откако жителите пријавиле звуци од дронови, по што темнина ги зафатила градовите Жуковски, Литкарино и Раменское. Локалната администрација на округот Раменское соопшти дека дошло до дефект во трафостаницата Донино, каде што наводно изгорела електрична шина. Сепак, засега нема официјална потврда дека инцидентот е директно поврзан со напад со дронови.
Руското Министерство за одбрана на Русија објави дека системите за воздушна одбрана собориле вкупно 109 украински беспилотни летала во период од четири часа, вклучувајќи и дронови во поширокото московско подрачје.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, го потврди нападот, наведувајќи дека безбедносните служби реагирале навреме и дека сите летала биле успешно пресретнати. Руските власти уверуваат дека состојбата е под контрола, додека службите работат на целосно нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.
Инцидентот дополнително ја зголеми напнатоста во контекст на војната во Украина и ја отвори темата за безбедноста на критичната инфраструктура длабоко во внатрешноста на Русија.
















